Блаже Конески Прилеп

Материјали за учење

Блаже Конески Прилеп

Материјали за учење

Граѓанско образование за IX одд. Активности за период од 06.04.2020 год. до 10.04.2020 год.

Предметен наставник: Лидија Котеска

Тема 5: Граѓанинот и државата Вежби: Владеење на правото и правната држава

Цели: Ученикот/ученичката: - да го идентификува штетното влијание на корупцијата за развојот на личноста, групата и општеството. - да анализира механизми за спречување на корупцијата и заштита од коруптивни дејства. Резултати од учењето: Ученикот/ученичката е способен/способна да: - разликува приватен од јавен интерес и анализира конкретни примери на неетичност во својата средина. - оценува дека секој чин кој има за цел лична добивка на штета на другиот е незаконски. Ученици, може да го користите материјалот преземен од прирачникот или следниот линк: https://www.bro.gov.mk/wp-content/uploads/2020/01/Priracnik-za-Gragansko-obrazovanie-9-to-oddelenie.pdf На www.eduino.gov.mk немата видео лекција за вежбите Внимателно прочитајте ја содржината од стр. 219 до стр. 223. Што знаеме? Знаеме дека во една демократска држава не секогаш се успева да се обезбеди владеење на правото во целост и дека еден од најтешките облици на загрозување на правната држава се смета корупцијата. Знаеме: што е корупција, ги знаеме формите на корупција и знаеме дека современото општество се бори против корупцијата. Сега, внимателно прочитајте ги, анализирајте ги примерите од секојдневниот живот во Работниот лист (преземени од прирачникот) и одговорете на прашањата под секој конкретен случај: Работен лист за ученикот Случај 1 На преминувањето на граничниот премин, Горан немал уреден зелен картон (осигурување на автомобил во странство). Поради тоа тој му дал 2000 ден. на полицискиот службеник, кој по земените пари го пуштил да помине без проблем. 1 Дали ова е случај на корупција? 2 Зошто да? Зошто не? Објаснете. 3 Како вие би постапиле на местото на Горан? 4.Како би постапиле на местото на полицискиот службеник? Случај 2 Генерален директор на јавно претпријатие дел од приходите остварени во работењето на претпријатието ги искористил за лекување на својата мајка за која било неопходно да се изврши операција во странство. 1. Дали ова е случај на корупција? 2. Зошто да? Зошто не? Објаснете. 3. Како вие би постапиле на местото на Генералниот директор? 4. Како би постапиле на местото на вработените? Случај 3 Наставничката Сабина е добра пријателка со Маре. Синот на Маре е ученик во VI одделение и по предметот кој го предава наставничката Сабина има оценка 4. На крајот на учебната година наставничката ја поправа оценката на синот на својата блиска пријателка од 4 на 5, за да не си го расипе пријателството. 1. Дали ова е случај на корупција? 2. Зошто да? Зошто не? Објаснете. 3. Како вие би постапиле на местото на наставничката Сабина? 4 Како би постапиле на местото на Маре? Случај 4 Вработена во Министерство, за време на работното време зборува на својот мобилен телефон приватни разговори повеќе од 2 часа. 1.Дали ова е случај на корупција? 2.Зошто да? Зошто не? Објаснете. 3 Како вие би постапиле на местото на вработената? Случај 5 Синот на Ина е многу болен. Докторот бара пари за да му обезбедат место во болницата, за да може да се лекува. Ина дава пари на докторот и местото е обезбедено. Наскоро болницата започнува со терапија. 1. Дали ова е случај на корупција? 2. Зошто да? Зошто не? Објаснете. 3. Како вие би постапиле на местото на Ина? 4. Како вие би постапиле на местото на докторот? Одговорите напишете ги во тетратка, сликајте ги и пратете ги на мојата електронска адреса k64.lidija@yahoo.com . или на messenger. Врз основа на вашите одговори (редовноста и точноста) ќе го следам и вреднувам вашето знаење. Затоа потрудете се редовно да учите и да ми праќате одговори.

Граѓанско образование за IX одд. Предметен наставник: Лидија Котеска Активности за период од 30.03.2020 год. до 03.04.2020 год.

 Тема 5: Граѓанинот и државата Обработка на нова наставна содржина: Владеење на правото и правната држава- реализација два часа

Втор час Цели на наставниот час: Ученикот/ученичката -.

Да го идентификува штетното влијание на корупцијата за развојот на личноста, групата и општеството. - Да анализира механизми за спречување на корупцијата и заштита од коруптивни дејства. Р

езултати од учењето: Ученикот/ученичката е способен/способна да -разликува приватен од јавен интерес и наведува примери на неетичност во својата средина. -оценува дека секој чин кој има за цел лична добивка на штета на другиот е незаконски.

Ученици, може да го користите материјалот преземен од прирачникот или следниот линк: https://www.bro.gov.mk/wp-content/uploads/2020/01/

Priracnik-za-Gragansko-obrazovanie-9-to-oddelenie.pdf На www.eduino.gov.mk имате видео на кое можете исто така да ја проследите оваа наставна содржина. Внимателно прочитајте ја содржината од стр. 211 до стр. 216.

При учењето посветете внимание на следното: - Не секогаш во една демократска држава се успева да се обезбеди владеење на правото во целост. Еден од најтешките облици на загрозување на правната држава се смета корупцијата. - Поимот „корупција“ потекнува од латинскиот термин corruptio кој се преведува како поткупување/подмитување, расипаност/расипување, трулење и распаѓање како процес). - Под корупција денес се подразбира злоупотреба на функција и службена положба за остварување на каква било лична корист или корист за друг. - Корупцијата има различни форми, но секогаш е со цел да се придобие некоја незаконска корист за себе или за друг

Домашна задача: Замислете како треба да функционира една правна држава, што се треба таа да поседува за да биде таа правна.

Ве молам размислете и вашето лично мислење запишете го во тетратка. Исто така во тетратката одговорете на следните прашања: 1. Што е корупција? 2. Кои се различните форми на корупција? 3. Дали современото општество се бори против корупцијата и на кој начин тоа се прави во нашата земја? Одговорите сликајте ги и пратете ги на мојата електронска адреса k64.lidija@yahoo.com .

Доколку мора тогаш може и на messenger. Врз основа на вашите одговори (редовноста и точноста) ќе го следам и вреднувам вашето знаење. Затоа потрудете се редовно да учите и да ми праќате одговори. Ученици побрзајте со одговорите затоа што ќе се сумираат тримесечните оценки.

Владеење на правото и правната држава (од Прирачник за Граѓанско образование за 9-то одд.)

Втор час Цели на наставниот час:

1.Да го идентификува штетното влијание на корупцијата за развојот на личноста, групата и општеството.

2. Да анализира механизми за спречување на корупцијата и заштита од коруптивни дејства.

Резултати од учењето: 1 Разликува приватен од јавен интерес и наведува примери на неетичност во својата средина. 2 Оценува дека секој чин кој има за цел лична добивка на штета на другиот е незаконски.

Во извршувањето на т.н. јавни работи и во задоволувањето на потребите во секојдневниот живот на граѓаните покрај државните органи се јавуваат и јавните претпријатија, службите и установите. Тие сите располагаат со извесен степен на власт. Овие субјекти на коишто граѓаните им дале моќ да владеат во нивно име треба таа моќ да ја користат во интерес на сите граѓани и да не ја злоупотребуваат својата положба. Тоа значи дека функцијата треба да ја вршат во согласност со Уставот и законите. Не секогаш во една демократска држава се успева да се обезбеди владеење на правото во целост. Еден од најтешките облици на загрозување на правната држава се смета корупцијата (поимот „корупција“ потекнува од латинскиот термин corruptio кој се преведува како поткупување/подмитување, расипаност/расипување, трулење и распаѓање како процес). Под корупција денес се подразбира злоупотреба на функција и службена положба за остварување на каква било лична корист или корист за друг. Корупцијата има различни форми, но секогаш е со цел да се придобие некоја незаконска корист за себе или за друг. Најчести форми на корупција се: - поткуп или мито, - непотизам (фаворизирање на роднини или пријатели за функции или работни места не водејќи сметка за стручноста), - проневера на државни финансиски средства, - злоупотреба на службена положба и други. Државните функционери и други службени лица покрај тоа што треба да се придржуваат на законите и не треба да применуваат коруптивни дејствија од било која форма, исто така треба да се придржуваат до одредени етички стандарди и принципи. Тоа значи дека во своето работење треба да бидат професионални, пристојни, сервисно ориентирани кон граѓаните и да се однесуваат со почит кон вработените, кон граѓаните, компаниите и други страни. Затоа на ниво на секоја институција се носат етички кодекси кои треба да се почитуваат. Дали знаевте дека... Во Република Северна Македонија постои Државната комисија за спречување на корупција која е самостојна, независна институција надлежна за спречување на корупцијата. Секој граѓанин има право да спречи или да пријави корупција и граѓаните можат да поднесуваат претставки до оваа институција.

ГРАЃАНСКО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА VIII одд.

 Активности за период од 30.03.2020 до 03.04.2020 год.

Предметен наставник Лидија Котеска

Тема 5 Граѓанинот и државата Наставна содржина: Општеството и државата – вежби

Втор час Цели: Ученикот/ученичката - да споредува различни видови државни уредувања - да ја објасни потребата од активно учество на граѓаните во општеството наспроти пасивното набљудување на процесите и настаните.

Очекувани резултати: Ученикот/ученичката - препознава различни видови државни уредувања - ги истакнува основните карактеристики на граѓанското (демократското ) општество Ученици, сега кога знаете што е општество, што е држава и кои се основните белези на државата, продолжете со учење за да направите разлика меѓу демократски и недемократски држави.

Користете го текстот од истата наставна содржина од минатиот час a може да го користите и линкот: https://www.bro.gov.mk/wp-content/uploads/2019/04/Broshura-Gragansko_obrazovanie-VIII.pdf од стр. 89 до 94.

При учењето размислувајте за местото и улогата што ја има граѓанинот во демократската држава и односот кон човековите права. Потоа одговорете на прашањата:

1. Општеството претставува ......

2. Држава е.....

3. Државата воспоставува....

4. Кои се основните белези на државата? Наброј ги и накратко објасни ги!

5. Наброј ги и објасни ги основните карактеристики на демократските држави а потоа спореди ги со недемократските држави.

Одговорите на прашањата пратете ги на мојата електронска адреса k64.lidija@yahoo.com . или на messenger.

Врз основа на одговорите ќе можам да го следам и вреднувам вашето знаење. На www.eduino.gov.mk нема видео лекција за оваа наставна содржина.

Еве ја уште еднаш наставната содржина: ОПШТЕСТВО И ДРЖАВА www.mcgo.org.mk Човекот по природа е социјално суштество. Една од неговите вродени потреби е да создава меѓучовечки односи со други човечки суштества – да комуницира, да соработува, да дискутира. Уште во далечното минато луѓето согледале дека меѓусебно се зависни и дека кога постои соработка меѓу нив, тие можат да си го олеснат секојдневието и да го обезбедат сопствениот опстанок и напредок. Токму затоа луѓето започнале да се групираат во различни видови заедници, со што се создало општеството. Функционирањето во заедница на луѓето им овозможувало постепено да го зголемуваат своето влијание врз природата и да ги усовршуваат средствата за работа. На тој начин општеството постојано се менува и се развива. На пример, со пронаоѓањето на тркалото се овозможило полесно движење на луѓето, а со тоа и поголема комуникација меѓу нив, како и полесен пренос на храна и на материјали. За да може да опстане општеството, луѓето комуницирале и одржувале позитивни врски, создавале заеднички правила врз основа на заеднички вредности, кои се очекувало сите да ги почитуваат. Според тоа, општеството претставува организирана група на луѓе кои имаат меѓусебни врски и живеат заедно врз основа на заеднички правила. Со текот на времето се појавила потреба од постоење на институции, односно формално воспоставени органи што функционираат врз основа на јасно поставени правила, преку кои луѓето на организиран начин може да ги остваруваат своите потреби. Покрај институциите, во одреден степен од развојот на општеството се создала и државата, како резултат на обединување на луѓето. Државата воспоставува власт, поредок, организација и одбрана на една територија и на нејзините жители. Државата обезбедува почитување на поставените правила, а со тоа и безбедност и мир во општеството. За разлика од општеството, државата поседува механизми, односно институции, преку кои може да се обезбеди луѓето да ги почитуваат воспоставените правила што се во интерес на општото добро на сите граѓани. Оттука произлегува и дефиницијата за државата како организирано општество, збир од институции што ги создаваат и спроведуваат правилата на определена територија, наменети за населението на таа територија. Секоја држава има неколку белези: територија, население и јавна власт. - Територијата е неопходна за да може да функционира државата. Тоа е всушност просторот на кој државата ја врши својата власт, одреден со јасно дефинирани граници, преку кои државата се разграничува од соседните држави. - Населението го сочинуваат луѓето што живеат на определена државна територија. Населението на една држава ги опфаќа државјаните на таа држава, како и странците што престојуваат на територијата на таа држава. - Кога се зборува за вршење јавна власт, тоа значи дека државите имаат надлежност да применат механизми за заштита на правниот поредок согласно законите. На пример, доколку некој граѓанин го уништува јавниот простор, полицијата има право да постапи согласно законските одредби за таков вид на прекршок.  Државите може да се групираат според голем број различни критериуми, но сепак една од најзначајните поделби е на демократски и недемократски држави. Во демократските држави власта треба да биде во согласност со уставот и законите. Тоа значи дека државните органи и институции треба да владеат исклучиво според правото и сите луѓе да бидат еднакви пред законот. Понатаму, со цел да се спречи преголема концентрација на моќ во една институција, власта е поделена помеѓу повеќе институции што се независни едни од други (поделба на власта). Исто така е важно да се напомене дека во демократските држави власта е заснована на согласноста на мнозинството од граѓаните, односно таа е во рацете на избрани претставници по пат на фер, слободни, повеќепартиски и демократски избори. Политичката, но и општествената и економската разновидност придонесуваат за подобрување на општото добро на сите граѓани. На овој начин се поттикнува соработката помеѓу сите граѓани и групи во општеството, се разменуваат различни идеи и ставови и на граѓаните им се овозможува да донесуваат информирани одлуки за прашања од нивен интерес. Во сите демократски држави уставот и институциите гарантираат заштита на основните човекови права и тоа на сите граѓани, без исклучок. Тоа значи дека покрај тоа што постојат соодветни закони, во државата има и ефективни институции преку коишто луѓето може да ги остваруваат и да ги заштитат своите права. Во недемократските држави горенаведените елементи не се почитуваат или се значително намалени. Во нив не постои заложба за заштита и почитување на човековите права. Недемократските држави на своите граѓани не им обезбедуваат еднаквост, слобода, праведност и учество и вообичаено едно лице или мала група луѓе владее со останатите на самоволен начин. Тешко е да се измери колку е демократско некое општество, особено затоа што демократијата во државите не е еднаш засекогаш обезбедена, туку постојано се унапредува.

ГРАЃАНИНОТ И ДРЖАВАТА  Знаевте ли дека… Кога во една држава има амбасада на друга држава, територијата каде што се наоѓа амбасадата се смета дека е територија на државата што ја претставува.  Кина и Индија се држави со најбројно население и заедно сочинуваат повеќе од една третина од вкупното население во светот.

Граѓанско образование за IX одд. Активности за период од 18.03.2020 год. до 25.03.2020 год.

 Вежби: Влијанието на социјалните медиумите врз граѓаните – втор час

Цели: Ученикот/ ученичката: - да го анализира влијанието на медиумите, медиумска пропаганда во современото општество;

Резултати од учењето: Ученикот/ ученичката е способен/ способна - Дискутира за потребата од критичко толкување на медиумите и медиумската пропаганда - Ги објаснува поимите цензура и автоцензура Учениците да размислат за значењето на поимите цензура, автоцензура и медиумска пропаганда. Може да го користат материјалот преземен од прирачникот или следниот линк: https://www.bro.gov.mk/wp-content/uploads/2020/01/Priracnik-za-Gragansko-obrazovanie-9-to-oddelenie.pdf

Откако ќе го разберат значењето на поимите цензура, автоцензура и медиумска пропаганда учениците имаат за задача да ги разгледаат трите ситуации од Работниот лист 4.7 кој се наоѓа на стр. 200 и 201 и добро да размислат дали во опишаната ситуација станува збор за цензура и колку ја оправдуваат т.е. сметаат дека е правилна во дадениот контекст.

Ученици, внимателно прочитајте, одговорете, сликајте ги одговорите и испратете ми ги на мојата електронска адреса k64.lidija@yahoo.com.

ВЛИЈАНИЕТО НА СОЦИЈАЛНИТЕ МЕДИУМИ ВРЗ ГРАЃАНИТЕ - втор час од прирачник за наставници Граѓанско образование за 9-то одд. Цензура е спречување нешто да биде прочитано, слушнато или видено. Ако сте го слушнале звукот „бииип“ кога некој зборувал на телевизија, тоа е цензурирање. Нешто да се цензурира, значи да се донесе одлука да се тргнат или прикријат делови (од текст, слика) кои се смета дека се несоодветни. Автоцензура е кога се воздржуваме нешто да кажеме или направиме, или пак ги избираме работите кои ги кажуваме/правиме во зависност од тоа кој не слуша или гледа. Медиумска пропаганда претставува информација која се користи за да се влијае на одредена публика или да се промовираат одредени интереси. Информациите вообичаено не се потполно објективни и ги презентираат фактите на селективен начин, за да поттикнат одредени чувства, перцепција или да влијаат на одредени ставови кај публиката. Информацијата е честопати прикажана на емотивен, наспроти рационален начин. Пропагандата најчесто се поврзува со материјали кои се подготвени од страна на влади, компании, активистички групи, религиозни организации, медиуми и сл.

Работен лист 4.7 Ситуација 1: Филмот не е препорачан за деца под 16 години. Во 2016 година, „Картун нетворк“ (Cartoon Network) забрани емитување на една епизода од анимираниот филм „Стивен Јуниверс“ (Steven Universe), за младо момче и неговата фамилија од жени-вонземјанки, поради приказ на романтична врска на двајца од ликовите. Љубителите на серијата не биле задоволни од ваквата одлука и започнале петиција која собрала над 9000 потписи. Авторите на серијата решаваат забранетата епизода да ја стават на интернет, за секој да може да ја гледа.

1.Што мислите, дали е ова цензура?

2.Колку го оправдувате или не го оправдувате ваквиот потег?

Објаснете. Ситуација 2: Не објавуваме албуми со текстови со навредлива содржина. Австралиската асоцијација за музичка продукција, има т.н. „Кодекс на практики“ кои се однесуваат на сите домашни и странски групи чија музика се издава во земјата. Во овој систем, првото ниво на класификација на музичките албуми подразбира ознака со предупредување за експлицитни текстови во песните. Второто ниво означува предупредување за тоа дека албумот не е соодветен за лица под 18 години, поради постојана употреба на непристоен говор и насилство. Третото ниво означува материјал кој може да биде навредлив за голем дел од возрасните лица и вклучува текстови кои опишуваат различни видови на криминално однесување. Албумите на групите кои спаѓаат во третата група се забранети за продажба во Австралија. 1.Што мислите, дали е ова цензура? 2.Колку го оправдувате или не го оправдувате ваквиот потег?

Објаснете.

Ситуација 3: Текстот нема да биде објавен во оригиналната форма. Алекс е новинар во локален весник и за саботното издание подготви текст за штрајкот на текстилните работници во градот, кои мораат да работат за време на викенди и празници. Кога го предаде текстот на уредникот, тој му кажа дека текстот мора да се преработи бидејќи настанот не е објективно прикажан. Уредникот тврди дека Алекс во текстот недоволно ја обработува страната на работодавачот, кој смета дека работниците не се трудат доволно да ги исполнат нормите кои се бараат од нив, и затоа мораат да ја довршуваат работата за време на викендите. Уредникот самиот го преработи текстот, и во новата верзија тој беше многу помалку критичен кон сопственикот на фабриката. Сопственикот на текстилната фабрика, истовремено е и сопственик на локалниот весник.

1.Што мислите, дали е ова цензура? Медиумска пропаганда? 2.Колку го оправдувате или не го оправдувате ваквиот потег? Објаснете.

Граѓанско образование за VIII одд.

 Вежби: Медиумите во граѓанското општество – втор час

Цели: Ученикот/ученичката -да ја објасни улогата на медиумите во креирање на јавното мислење во општеството -да ја сфати потребата од медиумска култура (проверување на информациите, лична одговорност при споделување информации)

Очекувани резултати: Ученикот/ученичката -ја препознава улогата на медиумите во креирањето на јавното мислење, - ја разбира опасноста од дезинформирање и нарушување на приватноста низ конкретни примери, - формира критички став кон Интернетот како медиум по однос на загрозување на безбедноста и основните права. никот/ученичката е способен/способна да:

Ученици, ајде одговорете на следните прашања: 1.Што се медиуми?, 2. Како се делат медиумите и според кој критериум? 3.Која е улогата на медиумите во современото општество? Кои се основните принципи кои медиумите треба да ги почитуваат? Ученици, внимателно прочитајте, одговорете, сликајте ги одговорите и испратете ми ги на мојата електронска адреса k64.lidija@yahoo.com. Може да го користите линкот: https://www.bro.gov.mk/wp-content/uploads/2019/04/Broshura-Gragansko_obrazovanie-VIII.pdf од стр. 81 до 86.

Прочитајте за информациите дека треба да се проверуваат, дека не секоја информација пласирана во медиумите е точна и вистинита. Затоа не треба да веруваме на се во целост, не треба да градиме мислење за нештата врз основа на еднострани гледања. Секогаш треба да ја погледнеме ситуацијата и низ очите на другата страна. Ако сакаме целосна и прецизна информација за некој настан мора да побараме, да прочитаме или да слушнеме различни верзии на настанот, т.е. информации од различни извори. Размислете и извлечете заклучок за улогата на Интернетот како медиум. Преку социјалните мрежи локалното станува глобално, има можност за комуникација со секој дел од светот, секој има можност да сподели информација и да биде информиран. Сепак интернетот има и свои негативни карактеристики како: - лесното пласирање на дезинформации и невистинити вести, - крадење и злоупотреба на личните податоци - вознемирување и малтретирање на интернет (сајбер булинг), - говор на омраза и други облици на загозување на правата и безбедноста.

Потоа прочитајте ги ситуациите од Работен лист: Негативни искуства од интернет. Обидете се да одговорите на прашањата: 1. Каква штета е нанесена на жртвата? 2. На кој начин е повредено достоинството и приватноста на лицето? 3. Кои се краткорочните, а кои можните долгорочни последици од тоа што се случило?

Работен лист за ученикот/ученичката Мислев дека сум вљубена........ Бев тинејџерка. Сакав да правам сѐ што правеа моите врсници. Тогаш, стекнувањето нови пријателства преку mIRC беше многу популарно. Се чувствував толку посебно кога ми се обрати едно момче кое беше отприлика на мои години. Разговаравме неколку пати. Делуваше толку искрено, што никој не би се посомневал во она што го зборуваше. После неколку средби кои почнавме однапред да ги договараме, ми побара слика. Скоро без размислување си реков: зошто да не. Веднаш побарав низ фотографиите кои ги имав зачувано на мојот компјутер, ја избрав најубавата и му ја пуштив преку сервисот за размена на фајлови кој функционира во склоп на mIRC. За кратко, добив и повратна фотографија. Беше привлечен. Од тој момент почнав без прекин да размислувам за него, си легнував со помислата колку е прекрасен и колку сум среќна што нашата комуникација почна да се развива во нешто посебно. Со тек на време, почнавме да се договараме да се сретнеме во живо. Се договоривме да се сретнеме на автобуската кај „Ким“, на Партизанска. Кога се симнав од автобусот, ги разгледав присутните лица на автобуската и заклучив дека тој сеуште не е тука. Застанав на страна со намера да почекам. Одеднаш ми пријде едно момче и ми се обрати: „Маја?“. Тоа беше моето име, но момчето не го познавав. Зачудено реков: „Да“, и потоа тој ми се претстави. Тоа беше тој, но не изгледаше како на сликата. Ми рече: „Не бев сосема искрен со тебе. Сликата што ти ја покажав е од еден познат поп пејач од Турција“. Многу се вознемирив и се почувствував предадено. Тој го почувствува тоа и ми рече дека премногу се приврзал за мене и затоа сфатил дека е време да ми го открие неговиот вистински идентитет. Затоа предложил да се најдеме. Не бев привлечена од неговата вистинска надворешност, но што е уште полошо - бев повредена од неговата неискреност. Неговиот изговор беше дека се плашел да не се откажам од него уште пред да го запознам. Затоа го направил тоа што го направил. Бил несигурен, си реков, и му простив. После некое време продолживме повремено да контактираме, чисто пријателски, додека еден ден сосема не престанавме. Пријателство кое се создало на темел на лага едноставно не можеше да продолжи.

Одговорете на следниве прашања: 1. Каква штета е нанесена на жртвата? 2. На кој начин е повредено достоинството и приватноста на лицето? 3. Кои се краткорочните, а кои се можните долгорочни последици од тоа што се случило? ......................................................................................................................................................................................

Уништен имиџ од видео на YouTube Се работи за девојче во тинејџерски години кое доживеало мошне непријатна случка преку сервисот за објавување и за гледање на онлајн видеа. Девојчето не било регистриран корисник на сервисот, значи немало направено свој профил на YouTube. Но, еден ден забележало дека на истиот е достапно видео кое претставува колаж од нејзини фотографии. Со фотографиите немало ништо лошо, ниту пак со видеото како целина. Проблемот настанал во моментот кога недолични коментари почнале да се појавуваат под видеото. Бидејќи девојчето било од албанска националност, и коментарите биле пишувани на албански јазик. Кога таа го пријавила видеото до Дирекцијата за заштита на личните податоци, тие веднаш го пријавиле видеото како несоодветно директно до сервисот, а потоа тоа го направило и девојчето лично. Потребно било корисникот врз кој била направена повреда на приватноста, сам/а до го пријави конкретното видео. Но, и после овие обиди, видеото не било отстрането од сервисот. Тоа било така бидејќи немало ништо проблематично во неговата содржина, а коментарите не биле на англиски јазик, како сите веднаш би ги разбрале. Во меѓувреме, девојчето почнало да добива закани преку имејл од истото лице.. Тој ѝ барал пари, а во замена ветил дека видеото ќе биде отстрането од сервисот. За среќа, Дирекцијата го расчистила случајот со YouTube и после еден месец откако сѐ започнало, видеото повеќе не било достапно на сервисот. За заканите на девојчето му била укажана можноста за покренување на кривична постапка, што би значело и можност за добивање паричен надомест за психичкиот товар кој го имало за целото тоа време. Во случајов, девојчето не било невнимателно со своите податоци, но случкава треба да те потсети дека секој што има пристап до твоите информации и фотографии, нив може да ги искористи за друга цел. За несреќа, во овој случај сосема нормални фотографии се употребени за многу лоша цел.

Ако си доживеал/а слична непријатна ситуација, или нешто вакво ти се случи во иднина, пријави го случајот до Дирекцијата со испраќање на имејл до info@dzlp.mk. На нивната веб страница (www.dzlp.mk) покрај податоците за контакт, ќе најдеш и многу корисни упатства и мерки за зачувување на приватноста.

Одговорете на следниве прашања: 1. Каква штета е нанесена на жртвата? 2. На кој начин е повредено достоинството и приватноста на лицето? 3. Кои се краткорочните, а кои се можните долгорочни последици од тоа што се случило? Ученици, внимателно прочитајте, одговорете, сликајте ги одговорите и испратете ми ги на мојата електронска адреса k64.lidija@yahoo.com.

Граѓанско образование за IX одд

Активности за период од 11.03.2020 год. до 18.03.2020 год.

Нова наставна содржина: Влијанието на социјалните медиумите врз граѓаните

Цели Ученикот/ ученичката - Да гради одговорен однос во користењето во социјалните медиуми.

Ученикот/ ученичката е способен/ способна - Критички анализира неодговорно користење на социјалните мрежи (сајбер насилство). Учениците да размислуваат за добрите и лошите страни на социјалните медиуми (мрежи)

Може да го користат материјалот преземен од прирачникот или следниот линк: https://www.bro.gov.mk/wp-content/uploads/2020/01/Priracnik-za-Gragansko-obrazovanie-9-to-oddelenie.pdf

Имаат за задача да ги разгледаат работните листови 4.5 и 4.6 кои се наоѓаат на стр. 193 и 194 и добро да размислат и одговорат. Влијанието на социјалните медиуми врз граѓаните (од прирачник за наставници Граѓанско образование за 9-то одд.) Насилство (булинг) е постојано, намерно повредување на една личност или група од друго лице или група луѓе. Тоа може да се случи лице в лице или преку сајбер просторот. Сајбер-насилство претставува злоупотреба на дигитални медиуми (како веб-страници, социјални мрежи, мобилни апликации и текстуални пораки) за заплашување, вознемирување, малтретирање, имитирање, измама, објавување гласини, закани, лични податоци на жртвите, ширење говор на омраза или причинување штета некому. Најчесто сајбер-насилството е насочено кон употреба на електронската комуникација во негативен контекст на нечија раса, религија, етничка припадност, социјален статус, сексуална ориентација, физичка или ментална карактеристика, родов идентитет и останати други лични карактеристики. Ова би може да биде преку „паметен телефон“, компјутер, лаптоп, таблет или онлајн платформа за играње. Може да се спроведе преку голем број на онлајн или мобилни услуги, како што се, е-пошта, веб-страници за социјално вмрежување, апликации за размена на текстуални и визуелни пораки, услуги за споделување на фотографии или на разговор, веб-камери, апликации за визуелно учење и онлајн игри. Денес е лесно да се креира профил на Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, или веб-сајт и блог до кого сите ќе имаат пристап. Сајбер-насилство се разликува од насилството лице-в-лице на неколку клучни начини. Сајбер насилството може да се случи во било кое време и на било кое место. Исто така, потешко е да се открие, бидејќи сајбер-насилниците најчесто користат псевдоними и лажни профили преку кои вршат насилство врз други интернет корисници. Дополнително, сајбер-насилството исто така може да биде многу јавно - голем број на луѓе на интернет можат да видат што се случува. Карактеристики по кои Сајбер насилство се разликува од насилството лице в лице: - Насилникот може да користи анонимни виртуелни профили; - Може да се случи во било кое време и тешко се избегнува; - Може да допре до голем број на луѓе – содржината поделена во некоја група или поставена на јавни онлјан платформи. Сајбер-насилството може да се јави во различни форми: - вознемирување – константно праќање навредливи, вознемирувачки и груби пораки и порнографски материјали; - имитирање / преправање - пробивање во туѓи кориснички сметки и праќање лажни, засрамувачки пораки во туѓо име; - омаловажување - пишување гласини или други неточни изјави кои може да ù наштетат на жртвата, како и слики со понижувачка содржина и срамни лични информации и нивно праќање или објавување на интернет; - измама и јавно откривање – споделување туѓи лични информации или измамување некого за да ги сподели своите тајни со цел да ги препраќа на други; - вулгарно обраќање – праќање лути пораки со вулгарна содржина; Вообичаено, покрај насилникот и жртвата, во сајбер-насилството се јавуваат и други луѓе кои го сведочат истото, а одредена личност може да биде во улога на: - Набљудувач забележува конфликт или неприфатливо однесување, но не учествува во него и не презема никаква акција по однос на тоа. - Сојузник е оној кој реагира на ситуацијата на насилство преку поддршка на лицето што е малтретирано (преку морална поддршка, советување, преземање на заеднички акции со жртвата). - Спротивставувач (заштитник) кој активно презема иницијатива во решавањето на случаите со сајбер-насилство. Сајбер насилството може има сериозни последици. Жртвите чувствуваат: намалена самодоверба, несигурност, страв, депресија, немир, тага, несоница, намалена желба за храна, намалено поведение и успех во училиште, агресивност, негативни мисли за само повредување и слично. КАКО ДА СЕ СПРЕЧИ САЈБЕР-НАСИЛСТВОТО? - Доколку твоите лични податоци се злоупотребени на интернет, можеш да го пријавиш случајот во Дирекцијата за заштита на лични податоци (www.dzlp.mk). - За тешки случаи на сајбер-насилство, кои вклучуваат закани, можеш да се обратиш во полиција заедно со твоите родители. - Пријавувај ги злоупотребите на веб-сајтовите и социјалните мрежи преку соодветните опции или со обраќање директно до администраторот. - Не откривај ги твоите лични податоци на интернет. - Не кажувај ги своите лозинки. - Не враќај на насилни пораки, само чувај ги како доказ. - Не отворај пораки од непознати испраќачи или од деца што знаеш дека се насилници. - Не објавувај на интернет нешто што не би сакал да го знае целиот клас. - Не праќај пораки кога си лут/а. - Не приклучувај се кон сајбер-насилство. Ако го забележиш, пријави го на возрасен. Денес, виртуелното насилството е реален проблем кој спаѓа во групата на сајбер криминал заедно со економскиот сајбер криминал (со кредитни картички на пример). Во случај да си жртва на сајбер-насилство, не молчи и не повлекувај се во себе. Кажи им на родителите, или на некој што му веруваш заедно ќе најдете решение!

Граѓанско образование за VIII одд.

 Нова наставна содржина:

Влијанието на социјалните медиумите врз граѓаните

Цели Ученикот/ученичката - да ја објасни улогата на медиумите во креирање на јавното мислење во општеството - да прави споредба помеѓу различните видови медиуми од аспект на начинот на информирање

Очекувани резултати Ученикот/ученичката е способен/способна да: - набројува видови медиуми - ја препознава улогата на медиумите во креирањето на јавното мислење - ги толкува карактеристиките на медиумите во граѓанското општество (слободни, независни, одговорни) Учениците да размислат што претставуваат медиумите, која е нивната улога (цели), кои карактеристики треба да ги имаат медиумите, какво е нивното влијание врз граѓаните. Да размислат за влијанието на социјалните мрежи како форми на електронска комуникација.

Учениците може да го користат линкот: https://www.bro.gov.mk/wp-content/uploads/2019/04/Broshura-Gragansko_obrazovanie-VIII.pdf Учениците имаат задача да извлечат заклучок за тоа каков треба да биде нашиот однос кон информациите пласирани во медиумите. За некој настан мора да побараме, да прочитаме или да слушнеме различни верзии на настанот, т.е. информации од различни извори. МЕДИУМИТЕ ВО ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО водич за ученици Граѓанско образование за 8 одд. Денес со право може да се каже дека живееме во ера на глобализација, масовна дигитализација и информациски бум. Со едно притискање на компјутер или мобилен телефон може веднаш да се добие информација за што било и затоа зборуваме дека живееме во време на медиуми, масовни комуникации и современа технологија. Ако 20-тиот век беше познат како век во кој периодично се создаваа и се развиваа медиуми, 21-виот е век во кој медиумите го имаат најголемото значење во општеството, посебно кога станува збор за брзина и навременост на информацијата. Медиум претставува канал низ кој циркулираат информациите. Под поимот „медиум“ се подразбираат различни средства за комуникација: телевизија, радио, интернет, социјални медиуми, весници, списанија и други медиуми. Една од карактеристиките на медиумите е организирано и јавно пренесување на пораки, кои допираат до голем број луѓе. Поради тоа, тие имаат големо влијание, кое може да биде и позитивно и негативно. На пример : Во 1930-тите години граѓаните многу им верувале на информациите пласирани на радиостаниците. Па така, кога во 1938 година на едно радио во САД се емитувала радиодрама врз основа на романот „Војна на световите“ од Х. Г. Велс, дел од слушателите помислиле дека на Земјата навистина се случува инвазија од Марсовци и започнале панично да бегаат од домовите. Тоа траело сѐ додека не сфатиле дека не станува збор за пренесување вест туку за драматизација на роман. Сепак, медиумите можат да послужат и за постигнување на благородни цели. Во денешно време многу иницијативи за подобрување на животот, кои започнале на социјалните медиуми во една држава, за кратко време стануваат глобални. На тој начин позитивните идеи брзо се шират и даваат резултати. На пример -Преку социјалните мрежи како што е Фејсбук информацијата за одредена инцијатива многу бргу се проширува до корисниците а со тоа и до пошироката јавност. На тој начин населението може за многу кратко време да се мобилизира во прибирање помош во услови на елементарни непогоди и различни кризни состојби во општеството. Масовните медиуми (мас-медиуми) се едни од најзначајните феномени во граѓанското општество и се присутни во сите области на човековиот живот. Нивна клучна улога е информирање на граѓаните, формирање и креирање на јавно мислење. Со развојот на граѓанското општество сe поважна е нивната функција и одговорност во општеството. Медиумите ја следат работата на институциите и информираат за неа, ја поддржуваат слободата на изразување и говор, отвораат простор за дебата, промовираат демократски вредности, поддржуваат разновидност во мислењата и граѓанско учество во општеството. За да ги исполнат тие цели, медиумите треба да ги почитуваат принципите во својата работа како точност, вистинитост, непристрасност, транспарентност, правичност, заштита на децата и младите. Интернетот како медиум овозможува секој корисник да објави своја содржина и да комуницира со секој друг корисник или медиум на интернет. Oваа размена на информации се прави најчесто преку социјални медиуми, или социјални мрежи. Социјалните мрежи претставуваат форми на електронска комуникација (како веб-страници за социјална комуникација) преку кои корисниците креираат „он-лајн“ заедници за споделување информации, идеи, лични пораки и други мултимедијални содржини. Иако информирањето преку социјалните мрежи е во пораст, треба да знаеме дека тоа не може да биде замена за медиумите и новинарската работа. Медиумите работат според правила пропишани во законите на земјата, политички документи и меѓународни документи и стандарди. Новинарите внимаваат да бидат етични во својата работа, да го почитуваат правото на јавноста да дојде до вистината, да известуваат во согласност со фактите. Со интернетот локалното може да стане глобално, пристапот до огромен број информации расте, има можност за комуникација со секој дел од светот, можност секој да сподели информација и да информира. Сепак, интернетот има и свои негативни карактеристики, како лесното пласирање на дезинформации и невистинити вести, крадењето и злоупотребата на личните податоци, вознемирување и малтретирање на интернет (сајбер булинг), говор на омраза на интернет и други појави. Поради дел од овие појави, децата треба посебно да внимаваат за безбедноста на интернет и ако мислат дека правата им се загрозени треба да се обратат кај своите родители или старатели, наставници или институции како Дирекцијата за заштита на лични податоци или Народниот правобранител. Поради големиот број на медиумски содржини во денешно време, примателот на информацијата – односно ние самите, треба да имаме на ум дека не секоја информација пласирана во медиумите е вистинита и точна. Затоа не треба да веруваме на сe во целост, туку треба информациите да ги проверуваме. Кога ние самите споделуваме информација која не е вистинита, учествуваме во дезинформирање на јавноста, па поради тоа имаме одговорност да ги проверуваме информациите за да се заштитиме себе си и другите од манипулации, дезинформации и пропаганда. Знаевте ли дека: • Во 1930-тите години граѓаните многу им верувале на информациите пласирани на радиостаниците. Па така, кога во 1938 година на едно радио во САД се емитувала радиодрама врз основа на романот „Војна на световите“ од Х. Г. Велс, дел од слушателите помислиле дека на Земјата навистина се случува инвазија од Марсовци и започнале панично да бегаат од домовите. Тоа траело сѐ додека не сфатиле дека не станува збор за пренесување вест, туку за драматизација на роман • Дали сте знаеле дека постои меѓународна организација Репортери без граници која ги следи слободите на медиумите во целиот свет и секоја година објавува извештај и рангирање на земјите во светот според слободата на медиумите. • Интернетот за прв пат бил достапен како комерцијална услуга во 1989 година. А социјалната мрежа Фејсбук се појавува дури 15 години подоцна во 2004 година.